понеделник, април 02, 2007

Article in Macedonian language stated that Macedonian minority in Albania

Опасни пораки на лидерот на ДПА за Македонците и за македонската држава испратени од ТиранаЏафери тврди дека Македонците во Голо Брдо се измислица
ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ

Лидерот на ДПА препорачува отворање на дилемата во врска со формирањето на македонската држава ако таа не го признае Косово: Арбен Џафери
Лидерот на ДПА, Арбен Џафери, тврди дека Македонците од Голо Брдо се измислица на бившиот македонски претседател Киро Глигоров и на македонските тајни служби. Истовремено, тој препорачува дека најадекватен одговор на македонската определба за непризнавање на независноста на Косово е отворање на дилемата во врска со формирањето на македонската држава."Од каде извира таа енергија, таа подготвеност за формирање на една "македонска кауза" во Голо Брдо во Албанија?", прашува Џафери во текстот објавен во албанскиот весник "Шекули", за потоа да констатира дека одговорот не треба да се бара ниту во историјата ниту во традицијата, "туку во политичките проекти на мошне старите лидери или на проектите на македонските тајни служби кои се стремат да го релативизираат албанското прашање на просторите на поранешна Југославија". Според него, македонската кауза во Албанија се отворала како антиалбански предизвик во рамките на глигоровистичката стратегија која презела врз себе да реализира неколку сегменти на тајните служби и на кариеристичкото слепило на неколку поединци во Албанија, кои преку своите друштва се стремеле да отворат големи дилеми. "Меѓутоа, тие ќе успеат да сфатат дека импровизираат само бура во една чаша вода... делириумот за создавање етничка кауза во Албанија не е само политичка реторика, но и геостратегиска политика", ќе констатира Џафери.Истовремено, тој објаснува дека постоел план од времето на поранешна Југославија за формирање една тампон-зона која би ги поврзувала пределите населени со "муслиманите-словенофони" во Гора, Косово, на селата на "торбешите" околу Дебар и оние во Голо Брдо, Албанија. Лидерот на ДПА посочува дека актуелната македонска Влада остварувала разговори за отворање пат кој би го поврзал Голо Брдо со селата на "торбешите" околу Дебар.Џафери признава дека во еден дел од територијата на Албанија постоела една група што зборувала "еден пресушен дијалект" од словенскиот јазик, која припаѓала на муслиманската вероисповед, но, според него, на оваа група сў уште не и бил јасен нејзиниот национален идентитет, дури таа била многу поназад од другите што денес се признавале под името помаци, торбеши и босанци. Според него, тие едноставно се идентификувале со топонимот на Голо Брдо и дури често пати се декларирале како Бугари.На лидерот на ДПА повод за вакви жолчни напади врз Македонците во Албанија и врз македонскиот национален идентитет му дал текстот на д-р Кимет Фетаху, Македонец од Голо Брдо, познат активист за правата на Македонците во Албанија, објавен во истиот весник. Џафери не кажува што, всушност, пишува Фетаху. Го претставува како претставник или претседател на едно од друштвата на, според него, "таканаречената Унија на Македонците во Албанија". Фетаху за него е човек "на едно друштво кое според сите веројатности собира граѓани од Албанија кои сметаат дека им се зголемува угледот ако се идентификува со таа политичка измислица - Македонци муслимани, што ниту во самата Македонија не фати место". Лидерот на ДПА вели дека текстот на Фетаху бил интересен само ако се гледал како илустративен дел од синдромот создаден од глигоривистичката доктрина што во суштина, според него, била вештачка и во самиот македонски народ внесувала збрка, како со себеси, така и со другите народи на Балканот. "Овој напис вреди да се анализира само за да се сфати апсурдот на македонизмот, барем перципиран со очилата на доктрината на Глигоров", заклучува тој.Лидерот на ДПА се враќа и во минатото, тврдејќи дека примарната идеја на ВМРО била да се формира една државна формација на географскиот простор што би се признавала со името Македонија и во која Голо Брдо во Албанија било надвор од полето на нејзиното политичко перципирање. "Оваа Македонија, според политичката платформа на ВМРО, требаше да биде балканска Швајцарија каде што во целосна еднаквост би живееле Бугарите, Албанците, Грците, Турците, Власите и другите. Така, дел од бугарската елита се стремеше преку новиот концепт на држава како Швајцарија повторно да ја врати бугарската доминантна позиција врз една стратегиска територија што ја имаше загубено благодарение на меѓународната арбитража", пишува Џафери, застапувајќи ги познатите тези на Ванчо Михајлов за Македонија без Македонци. На крајот лидерот на ДПА заклучува: "Претенциозните трансцедетални концепти на Глигоров за македонизмот создаваат само големи историски, политички религиозни збрки и друго, не само во Македонија, но и околу Македонија. Со случајот на промовирањето на македонизмот во Голо Брдо, диригиран од Скопје, се отвора силна политичка дилема која се однесува на формирањето на Македонија како независна држава и влијанието на тоа врз стабилноста на државата и констелациите околу неа". Џафери смета дека најадекватен одговор на, според глигоровистичката и воопшто македонската определба за непризнавање на независноста на Косово, е отворањето на дилемата во врска со формирањето на македонската држава, зашто "тоа и како концепт и како агентурска дејност" ги дестабилизирало албанските простори и регионот.

http://www.macedoniainfo.com/Bulgarian_not_Macedonian.htm

Няма коментари:

Публикуване на коментар